Свети Григориј Ниски
Наместо вовед
Свети Григориј Ниски се лоцира како еден од тројцата Кападокиски отци, кои ја поставиле основата на православната мисла на Истокот. Како најдлабок меѓу Кападокијците, ја сумира и охристовува севкупната философска мисла пред него: од Аристотел и Платон, преку Филон Александриски сé до Ориген, и поставува теолошки темели кои подоцна ќе ги развиваат псевдо-Дионисиј и свети Григориј Палама.
Тешко е да се предвиди кому е упатен овој трактат на св. Григориј. Сепак, најверојатна е претпоставката дека е упатен на малоазиските монаси. Во организацијата и зајакнувањето на монаштвото во Мала Азија свети Василиј Велики вложил многу труд; по упокојувањето на својот брат, грижата за малоазиските монаси ја презел врз себе свети Григориј Ниски, кој следејќи го примерот на својот брат, станал втор столб на малоазиското монаштво. Затоа, прилично неумесни и далеку од вистината се обидите, понекогаш присутни дури и во научната богословска литература, свети Василиј како „човек од акција“ и „организатор на црковниот живот“- да се спротивстави на својот помал брат, свети Григориј, како мислител и тајнозерцател („мистик“), оддалечен од световната суета.
За целта [на животот] по Бога и за вистинското подвижништво
I,1 Ако некој, [живеејќи] по Бога, и оддалечувајќи ја мислата од телото и робувањето на страстите, и исто така престојувајќи надвор од неразумностите [на овој свет], со искрена и чиста помисла сам ја проучи душата своја, ќе ја види јасно во природата на таа душа [одразената] љубoв Божја кон нас и замислата Божја за време на нејзиното создавање. Проучувајќи се себе си на тој начин, ќе ја разоткрие и за човекот својствената и со него срасната склоност кон доброто и најдоброто, [која извира од природаната] желба за нив. Ќе ја забележи и [за човечката] природа својствената безстрастна и блажена љубов кон оној надсетилен и блажен Лик, чие подражавање е човекот. Меѓутоа, некое залажување од видливите и вечно минливи [пропадливи нешта] ја фрла душата во заблуда преку неразумната страст и горка наслада, ја пленува и така ја користи нејзината лекомисленост и ја привлекува кон опасниот порок, кој настанува од насладувањето со [минливиот] живот, а самиот раѓа смрт во оние го возљубиле тој порок. Заради тоа, на оние кои со љубов го примаат познанието на Вистината им бил даден спасоносен лек – благодатта на нашиот Спасител. Таа ја укинува лагата која го пленува човекот, а пред светлината на Вистината потполно исчезнува нечесната помисла [која ја води во соблазна] кај онаа душа која, примајќи го знаењето, оди по патот на спасението и тежнее кон божественото.
I,2 Вие, достојно примајќи го тоа знаење и таа божествена љубов во склад со природата на душата која [ви] ја дари Бог, и водени од неа, сте се собрале, воодушевени со ревност да го остварите апостолскиот начин [на живот] на дело, и по тој повод изразивте желба да ве поучиме како раководители и патеводители по патеките на таквиот живот. [Сметавте дека таа поука ќе ве] изведе на вистинскиот пат, така што јасно ќе ви покаже каква е целта на животот на оние кои одат по тој пат, каква е добрата, угодна и совршена Божја волја (Рим.12,2), како да се постигне определената цел, како треба да живеат оние кои, заедно едни со други, одат по тој пат, како претстоителите треба да раководат со хорот философи, и какви подвизи треба да понесат оние кои имаат намера да се воздигнат на врвот на добродетелите и да ја подготват својата душа за достојно примање на Духот. А бидејќи вие молите таа поука да не ви ја изложиме само устно, туку и во пишан облик, за да ја чувате за секој случај, и по потреба, да ја земете, како од ризница на сеќавања, ние, сега со смелост исполнети, се обидуваме да ја изложиме во склад со благодатта на [Светиот] Дух која нé раководи.
I,3 Затоа што несомнено знаеме дека правилото на набожноста е засновано на вистинската догма на верата, и затоа што признаваме едно божество - блажената и вечна Троица, Кој никогаш и никако не се менува, туку со умот се созерцува во една суштина, една слава и една иста волја, и Кому истовремено Му се поклонуваме во три ипостаси, ние своето исповедување, примено од многубројните маченици, го објавивме во Духот, Кој нé изми на изворот на тајната. И затоа што знаеме дека тоа набожно и непогрешливо исповедање на верата е неколебливо утврдено во длабочините на вашите души, и затоа што дознавме дека кон патот на добродетелниот живот се стремите и воздигнувате во доброто и блаженството, ние во пишан облик накратко ви ги нудиме семињата на учењето, избрани од Писмото, кои нам ни ги подари [Светиот] Дух. Притоа ги наведуваме, сразмерно на потребата, самите зборови на [Светото] Писмоза да ја [укрепиме] верата во нас [самите] кои ова го говориме, и го изнесуваме нашето разбирање на таа вера. Тоа го чиниме за да не појдеме по лажниот пат, зашто сметаме за можно дека, отфрлајќи ја небесната благодат, подлата и ниска мисла раѓа незаконски чеда и дека, создавајќи привиди на набожност со посредништво на надворешни помисли, во незнаење ги вкоренува во Писмото, исполнувајќи се со испразнета вообразеност.