епископ д-р. Игњатије Мидиќ

Вовед

Историјата на христијанската црква почнува со една конкретна историска личност – со Исус Христос од Назарет – и случувањата врзани за него, а пред сé со неговото воскреснување од мртвите. Значи, Христовата личност претставува основа на верата на сите христијани.
Поради тоа, пред да почнеме да говориме за основните вистини  на православната христијанска вера и да ги толкуваме во светлоста на нивниот впечаток врз нашиот живот, сметаме за неопходно да укажеме на тоа од колкава важност е  искуството на личноста за нивно правилно толкување и разбирање. Во што  е специфичноста во толкувањето на вистините на христијанската вера низ Христовата личност?

За да одговориме на ова прашање, потребно е да се потсетиме на најпрво  што е личност.

Личноста е апсолутно и неповторливо битие. Постоењето на личноста е плод на заедницата, и тоа заедница на слобода и љубов со друга личност. Личноста не постои сама за себе, туку единствено во заедница со друга личност. Кога ќе засакаме еден човек и влегуваме во заедница со него, дури тогаш тој за нас настанува личност. Истовремено, од личноста за која сме врзани зависи и нашето постоење. Кога ќе изгубиме личност која ја сакаме и за која сме врзани, тогаш и нашето постоење доаѓа во прашање. Затоа, додека постои личност за која сме врзани и ја сакаме, благодарение на неа (личноста) постоиме и ние. Нејзината загуба или смрт го загрозува и нашето постоење. Светот и животот, гледани од перспективата на личноста, настануваат на сосем поинаков начин за разлика од кога се гледани просто – како природа. Ако природата која нé опкружува ја гледаме низ една личност која ја сакаме, тогаш и природата ни изгледа убава – како личност. Меѓутоа, кога таа личност ќе ја изгубиме, односно кога таа ќе умре, со неа за нас се губи целиот свет. Не можеме да кажеме: кога ќе умре некој човек – „не се грижи, ништо трагично не се случило, зашто природата не се губи, туку само го менува начинот на постоење; природата тоа ќе го надохнади – друг човек ќе се роди“. Еден умрен човек не може да го замени ниту еден друг и оттаму смртта е губење и трагедија единствено кога се гледа низ конкретна личност и во конкретна личност.

Природата, односно природниот начин на постоење, гледан од перпективата на личноста или од искуството на личноста, укажува на два факта: на можност на постоење на природата единствено во личноста и на непостоење, односно смрт, како последица на губење на личноста. Смртта во личното искуство се јавува не како природен процес, ниту како нешто природно и нормално, туку како опасност која пред нашите очи носи страв од небитие, од потполно губење на постоењето на целиот свет. Постоењето, пак, на една личност за која сме врзани покажува живот и постоење, чиј носител е личноста. Искуството на личноста, значи, ни открива дека постоењето на луѓето и светот во кој живееме, односно природата, зависи од нашиот личен однос кон нив, односно од заедницата на слободата и љубовта, која ја остваруваме со другиот човек.

Поаѓајќи од ова искуство, искуство на личноста, христијаните во Христа виделе носител на постоењето на сета природа. Христос за христијаните е носител на постоењето на севкупната створена природа, затоа што тие со Него имаат заедница на слобода и  љубов. Тој за христијаните е, и Син Божји, и Спасител на светот, зашто со Него и Бог е во вечна заедница на слбода, љубов. Тоа Бог го покажал и со тоа што Христа го воскреснал од мртвите. Со други зборови, за рабирање на христијанската вера, а со самото тоа и основните христијански вистини кои тука ќе ги изнесеме, потребно е искуство кое животот и природата, па и самиот Бог, ги гледа и доживува, пред сé, во личните односи, односно во заедница на слобода, љубов.

[следно: Поим за Бога и Христијанството]    
превод и обработка: Милош Дрпа