Православен Катихизис

Поим за Бога и Христијанството

Вера и атеизам

Сите луѓе имаат некаков поим за Бога. Дури и оние кои формално не припаѓаат во ниедна религија, сепак имаат некаков поим за Бога, едноставно затоа што постојат и што не се помируваат со смртта, туку сакаат вечно да постојат. Тежнеењето на човекот да дојде до вистината и сигурноста во променливиот свет во кој живее, односно средбата на човекот со проблемот на смртта, неминовно го упатува на овој или оној поим за Бога. Во зависност од тоа што човекот ќе прогласи за вистина, односно на кој начин го одминува проблемот со смртта и мисли дека остварува вечно и непроменливо постоење, тој тоа и го обожува. Значи на овој или оној начин, од овој или оној агол на гледиште, поимот за Бога е присутен кај сите луѓе без исклучок. Но, ќе се запраша некој - што е со атеистите, односно со тие луѓе кои не веруваат дека Бог постои? Дали тие со своето неверување го негираат наведеното тврдење? На крајот, ако Бог навистина постои, како тогаш едни го познаваат и признаават дека постои, а други не?

Атеизам

 Атеизам (грч. αθεος– оној кој го негира Бога), како феномен во современиот свет, не го побива фактот дека Бог постои, затоа што атеизмот не е отсуство на секој поим за Бога. Пред сé би се рекло дека атеизмот е неприфаќање на еден конкретен Бог во кого верува околината во која се развива тој атеизам, околку што е неверување во Бога. Поточно, атеизмот е борба против Бога. Инаку, како може некој нешто да отфрла и да негира, ако претходно не констатирал дека постои? Со други зборови, атеизмот не сака еден конкретен Бог и  не сака да знае за него, што не значи дека Бог не постои по себе и дека атеистите не веруваат во никаков Бог.
Бог за атеистите не постои затоа што тие не сакаат тој да постои за нив. Идентификувањето на некого или на нешто, како постоечко за нас, ја претпоставува нашата слобода т.е претпоставува дека и ние секаме тој некој за нас да постои. Објективното посоење на некого не значи дека тој постои и за нас, зашто ние можеме и да не сакаме некој да не постои за нас, што инаку го изразуваме (кога некого не сакаме) со зборовите: „За мене ти не постоиш“. Тоа не значи дека тој навистина не постои по себе и за другите, дури и ние да не би сакале тој да постои. Тој не постои за нас, но постои по себе и постои за другите. Слично е и со постоењето на Бога. Но, како е тоа можно Бог да постои, а за некои луѓе да не постои, ќе видиме подоцна.

[претходно: Вовед]   
превод и обработка: Милош Дрпа