Прво послание на светиот апостол Павле до Солунјаните

1 | 2 | 3 | 4 | 5


1

1 Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунците, во Бог, Таткото и Господ Исус Христос, благодат вам и мир.
2 Секогаш кога ве спомнуваме во нашите молитви, Му благодариме на Бог за сите вас,
3 зашто постојано ги спомнуваме делата на вашата вера, трудот на вашата љубов и вашата трпелива надеж во нашиот Господ Исус Христос, пред Бог нашиот Татко.
4 Знаејќи, браќа од Бог сакани, дека вие сте избрани;
5 зашто нашето проповедање на Евангелието меѓу вас не беше само со слово, туку и во сила, и во Светиот Дух, и во полна увереност; како што знаете какви бевме меѓу вас заради вас.
6 И вие не имавте за пример нас и Господ, примајќи го словото сред голема невола, со радоста на Светиот Дух,
7 така што им станавте пример на сите верници во Македонија и Ахаја.
8 Зашто, од вас Господовото слово се разгласи не само во Македонија и Ахаја, туку за вашата вера во Бог се расчу насекаде, така што нема потреба ние да зборуваме нешто.
9 Имено, самите зборуваат за нас, како не примивте и како се обративте од идолите кон Бог, за да Му служите на живиот и вистинит Бог
10 и да Го очекувате Неговиот Син Исус од небесата, Кого Го воскресна од мртвите и Кој не избавува од гневот што доаѓа.

2

1 Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудно.
2 Напротив, иако порано пострадавме и бевме хулени во Филипи, како што веќе знаете, бевме смели во нашиот Бог, да ви го говориме Божјото Евангелие сред големо противење.
3 Зашто нашето поттикнување не е од заблуда ни од нечистотија, ниту со измама,
4 туку како што Бог не испита и ни го довери Евангелието, така зборуваме, не угодувајќи им на луѓето, туку на Бог, Кој ги испитува нашите срца.
5 Зашто, како што знаете, никогаш не настапивме со ласкави зборови, ниту со притаена алчност - Бог е сведок за тоа,
6 ниту, пак, баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите, иако можевме да се наметнеме како Христови апостоли.
7 Напротив, бевме благи меѓу вас, како доилка, која нежно се грижи за своите деца,
8 па така, полни со љубов спрема вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие, туку и своите души, зашто ни станавте многу мили.
9 Впрочем, браќа, вие ги помните нашиот труд и мака, како работевме ноќе и дење за да не обремениме некој од вас, додека го проповедавме Божјото Евангелие.
10 Вие сте сведоци, а и Бог, дека свето, праведно и беспрекорно се однесувавме спрема вас, верните.
11 Како што знаете, ние секого од вас поединечно, како татко своите деца, го бодревме и охрабрувавме, и ви сведочевме
12 да живеете достојно за Бог, Кој ве повикува во Своето Царство и слава.
13 Затоа и ние постојано Му благодариме на Бог, зашто кога го примивте од нас Божјото слово, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово (што всушност и е) кое и дејствува во вас кои верувате.
14 Зашто, вие браќа, ги зедовте за пример Божјите цркви во Христос Исус, кои се во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Евреите,
15 кои Го убија Господ Исус и пророците, а нас не истераа. Тие не Му угодуваат на Бог, и непријатели им се на сите луѓе,
16 и ни забрануваат да им зборуваме на неевреите, за да не се спасат, со што секогаш ја дополнуваат мерата на своите гревови. Но најпосле гневот ги стигна нив!
17 А ние, браќа, кога за кратко останавме без вас, настојувавме уште повеќе - лично, а не во духот - со голем копнеж, да го видиме вашето лице,
18 зашто сакавме да дојдеме кај вас - барем јас, Павле, повеќе од еднаш но сатаната не спречи.
19 Зашто, кој е нашата надеж, радост или венец за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање?
20 Зашто вие сте нашата слава и нашата радост.

3

1 Затоа кога не можевме веќе да го издржиме тоа, сметавме дека би било добро да останеме сами во Атина,
2 а Тимотеј, нашиот брат и Божји соработник во Евангелието на Христос, го испративме за да ве зацврсти и охрабри во вашата вера,
3 за да не се поколеба никој поради овие маки; зашто сами знаете дека за тоа сме определени,
4 зашто кога бевме кај вас, однапред ви зборувавме дека ќе трпиме маки, и како што знаете, така и се случи.
5 Затоа, јас, не можејќи веќе да издржам, пратив да дознаам за вашата вера, да не би ве искушал искушувачот и да не биде залуден нашиот труд.
6 А сега, откако дојде Тимотеј од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека имате секогаш добар спомен за нас и дека копнеете да не видите, како и ние вас,
7 тогаш, браќа, и покрај сета наша мака и невола се утешивме за вас преку вашата вера;
8 зашто сега навистина живееме, кога вие стоите цврсто во Господ.
9 Зашто, каква благодарност можеме да Му оддадеме на Бог за вас, за сета радост со која се зарадувавме поради вас пред нашиот Бог?
10 Ноќе и дење најсесрдно се молиме да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа што & недостига на вашата вера.
11 А Самиот Бог, нашиот Татко, и Исус Христос, нашиот Господ, да го насочи нашиот пат кон вас!
12 А Господ да направи вие да растете и да изобилувате во љубов еден спрема друг и спрема сите луѓе, како што и ние ја имаме спрема вас,
13 за да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус со сите Свои светии.

4

1 Најпосле, браќа, бараме и ве молиме во Господ Исус, така како што примивте од нас упатства како треба да живеете и да Му угодувате на Бог (како што и одите), уште повеќе да изобилувате во тоа.
2 Имено, знаете какви упатства ви дадовме во името на Господ Исус.
3 Зашто Божјата волја е вашето осветување: да се воздржувате од блудство,
4 секој од вас да знае да го држи својот сад во светост и чест,
5 не во похотна страст, како останатите народи кои не Го познаваат Бога
6 никој да не го измамува и да не го оштетува својот брат во тоа, зашто Господ е одмаздник за таквите работи, како што ви рековме и сериозно ве предупредивме.
7 Имено, Бог не не повика кон нечистотија, туку кон осветување.
8 Затоа, кој го отфрла тоа, не отфрла човек, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свет Дух.
9 А за братољубието нема потреба да ви пишувам, зашто самиот Бог ве научи да се љубите еден со друг,
10 а вие го правите тоа спрема сите браќа во цела Македонија. Но, ве молиме пак, браќа, да го правите тоа уште повеќе
11 и сесрдно да настојувате да живеете мирен живот, да си ги гледате своите работи и да работите со своите раце, така како што ви заповедавме,
12 за да се однесувате така како што прилега кон надворешните и да немате никаква нужда.
13 Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за починатите, за да не жалите како другите кои немаат надеж.
14 Зашто ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и оние кои се упокоиле во Исус, Бог ќе ги земе со Него.
15 Зашто ова ви го кажуваме преку Господовото слово, дека ние кои живееме и остануваме до доаѓањето на Господ, нема да отидеме пред оние кои се упокоиле;
16 зашто Самиот Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христос ќе воскреснат први.
17 Потоа ние живите кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, за да Го сретнеме Господ во воздухот; и така засекогаш ќе бидеме со Господ.
18 Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови.

5

1 А за времињата и периодите, браќа, нема потреба да ви се пишува;
2 зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќ.
3 Кога ќе велат: "мир и безбедност", тогаш ненадејно ќе падне погибел врз нив, како породилни маки врз бремена жена, и не ќе можат да избегаат.
4 Но вие, браќа, не сте во темнина, та Денот да ве затече како крадец,
5 зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот и не & припаѓаме на ноќта, ниту на темнината.
6 И така, да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени.
7 Зашто оние кои спијат, спијат ноќе и оние кои се опиваат, ноќе се опиваат.
8 А ние кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени, облечени во оклопот на верата и љубовта, а како шлем, надежта на спасението,
9 зашто Бог не не определил за гнев, туку да придобиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
10 Кој умре за нас за да живееме заедно со Него, било да сме будни или да спиеме.
11 Затоа утешувајте се меѓусебно и надградувајте се еден друг, токму така како што и правите!
12 Ве молиме, браќа, да им давате признание на оние кои вредно работат меѓу вас, кои се одговорни за вас во Господ и на оние кои ве поучуваат.
13 Ценете ги над се со љубов, заради нивното дело. Живејте во мир еден со друг.
14 Ве молам уште, браќа, поучувајте ги неуредните, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на немоќните и бидете трпеливи со сите луѓе.
15 Гледајте никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш барајте го доброто меѓу вас и за сите луѓе!
16 Радувајте се секогаш,
17 молете се постојано и
18 благодарете за се, зашто тоа е Божја волја за вас во Христос Исус!
19 Не гаснете го Духот, не презирајте ги пророштвата,
20 туку испитувајте се, а држете се за доброто.
21 Воздржувајте се од секој вид на зло!
22 А Самиот Бог на мирот да ве освети наполно!
23 И вашиот дух, душата и телото да бидат запазени целосни и беспрекорни при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!
24 Верен е Оној Кој ве повикува, Кој и ќе го стори тоа.
25 Браќа, молете се за нас!
26 Поздравете ги сите браќа со свет целив!
27 Ве заколнувам во Господ, ова послание да им го прочитате на сите браќа.
28 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас!