Второ соборно послание на светиот апостол Петар


1 | 2 | 3


1

1 Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние кои преку праведноста на нашиот Бог и Спасител, Исус Христос, ја примија истата скапоцена вера како и ние:
2 да ви се множат благодатта и мирот во познавањето на Бог и Исус, нашиот Господ.
3 Неговата божествена сила ни подари се што ни е потребно за животот и побожноста, преку вистинското познавање на Оној Кој не повика преку Својата сопствена слава и доблест,
4 со што ни се подарени Неговите скапоцени и величествени ветувања, та преку нив да станете соучесници во божествената природа, откако се оттргнавте од расипаноста, која преку похотата владее во светот;
5 токму заради ова, вложете ја сета своја сила, и исполнете ја својата вера со доблест, а доблеста со знаење;
6 а знаењето со самоконтрола; а самоконтролата со трпение; а трпението со побожност;
7 а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов.
8 Зашто, ако го имате сето тоа и ако тоа се умножува, не сте бескорисни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос,
9 но, оној кој го нема тоа, е слеп или кусоглед, зашто заборавил дека е исчистен од своите минати гревови.
10 Затоа, браќа, трудете се уште повеќе да го зацврстите вашето призвание и избор. Имено, ако го правите тоа, никогаш нема да се сопнете.
11 Зашто така во изобилство ќе ви се даде влегувањето во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
12 Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам за овие работи, иако вие ги знаете и сте зацврстени во вистината што ја имате.
13 Но сметам дека имам право, додека сум во ова телесно живеалиште, да ве поттикнувам со потсетување,
14 зашто знам дека наскоро ќе го оставам моето земно живеалиште, како што јасно ми стави до знаење нашиот Господ Исус Христос.
15 А ќе настојувам вие, и по моето заминување, секогаш да си спомнувате за ова.
16 Впрочем, кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, ние не одевме по лукаво измислени сказни, туку бевме очевидци на Неговото величество.
17 Зашто кога Тој прими од Бог Таткото чест и слава, од величествената слава Му дојде овој глас: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја",
18 а ние го чувме тој глас кој дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора.
19 И така, имаме поцврсто пророчко слово; а вие правите добро што внимавате на него, како на светило што свети во темно место, додека не осамне денот и ѕвездата Деница не болсне во вашите срца.
20 Но знајте го пред се ова: ниедно пророштво во Писмото не е од нечие сопствено толкување,
21 зашто никогаш ниту едно пророштво не потекнува од човечка волја, туку луѓе поттикнати од Светиот Дух зборувале од Бога.

2

1 Но се јавија и лажни пророци кај народот, како што ќе има и меѓу вас лажни учители, кои тајно ќе внесуваат погубни ереси и ќе Го порекнуваат Господарот Кој ги откупил, навлекувајќи врз себе брза погибел.
2 И мнозина ќе тргнат по нивната разузданост, заради кои ќе се зборува лошо за патот на вистината.
3 И во лакомство ќе ве искористуваат со измислени зборови, но нивната осуда одамна е изречена и нивната гибел не дреме.
4 Зашто ако Бог не ги поштеди ангелите кои згрешија, туку ги фрли во мрачните бездни и ги предаде да бидат чувани за суд;
5 и ако не го поштеди стариот свет, туку го зачува Ное, проповедникот на правдата, со уште седум души, кога сурна потоп врз безбожниот свет;
6 и ако ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомора и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на идните безбожници;
7 и ако го избави праведниот Лот, кого го мачеше развратниот живот на беззакониците
8 (зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше секојдневно својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела),
9 тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, и неправедните да ги држи по казна до денот на судот;
10 а особено оние кои одат по осквернувачките похоти на телото и ја презираат власта. Како дрски и своеволни луѓе, тие не треперат кога ги хулат величијата,
11 додека ангелите, кои се поголеми по сила и моќ, не изговараат хулна осуда против нив пред Господ.
12 А овие, како неразумни животни, кои се по природа определени да бидат ловени и истребувани, хулат на она што не го знаат, и самите ќе загинат како што гинат животните,
13 со што ќе им се плати за нивните недела. Тие го сметаат развратниот живот дење како задоволство; валкани и срамни се тие, кои се честат и насладуваат во своите измами кога се гостат со вас,
14 а нивните очи се полни со прељуба и не престануваат да грешат; ги заведуваат незацврстените души; срцето им е навикнато на лакомство; тие се проколнати деца.
15 Оставајќи го вистинскиот пат заблудија, и тргнаа по патот на Балаам, синот на Беор, кој посака неправедна плата, 16 но прими прекор за својот престап, зашто немо магаре проговори со човечки глас и го спречи безумството на пророкот.
17 Тие се безводни извори и облаци терани од ветрот; на кои им е наменета црната темнина.
18 Зашто со тоа што дрдорат благозвучни, суетни зборови, ги мамат преку телесните наслади оние кои одвај се оттргнале од оние кои живеат во заблуда;
19 им ветуваат слобода, а самите & робуваат на расипаноста, бидејќи од она со кое човекот е надвладеан, на тоа и му робува.
20 Зашто ако се оттргнаа од световната расипаност оние со вистинското познавање на Господ и Спасителот Исус Христос и се заплеткуваат во неа и се надвладеани, тогаш ова последново им е полошо од првото.
21 Имено, за нив би било подобро да не го познаваа патот на праведноста, отколку, откако го познаа, да се одвратат од светата заповед која им е предадена.
22 Ним им се случува она што го вели потврдената поговорка: "Песот се враќа на својата блујавица" и "Избањатата свиња се враќа да се валка во калта."

3

1 Мили мои, ова е веќе второ писмо што ви го пишувам, и го будам, преку напомнување, вашиот чист разум,
2 за да си ги спомните зборовите што однапред ги кажаа светите пророци, и за заповедта на Господ и Спасителот, која ви ја предадоа вашите апостоли.
3 Знајте го пред се ова: во последните дни ќе се јават подбивачи, кои со своето подбивање ќе одат по сопствените похоти и ќе велат: 4 "Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто откако починаа татковците се стои така како што е од почетокот на создавањето." 5. Кога така сметаат, забораваат дека преку Божјото слово небесата одамна постојат, и дека земјата беше создадена од водата и преку водата,
6 преку која тогашниот свет беше потопен со вода, и така беше уништен.
7 А сегашните небеса и земјата, со истото слово се запазени и се чуваат за оган до денот на судот и погибелта на безбожните луѓе.
8 Но едно не смее да ви биде непознато, мили мои: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години се како еден ден.
9 Господ не го забавува ветувањето, како што некои мислат за тоа бавење, туку е трпелив спрема вас, зашто не сака некој да загине, туку сите да дојдат до покајание.
10 А Господовиот ден ќе дојде како крадец. Во тој ден небесата ќе поминат со голема бучава, а состојките ќе бидат уништени и земјата ќе изгори со сите нејзини дела.
11 Бидејќи сето ова ќе се уништи така, какви треба да бидете во светото поведение и побожноста
12 вие кои го очекувате и забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, кога запалените небеса ќе се распаднат, состојките ќе се стопат со огромна жештина?
13 А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, каде суштествува праведноста.
14 Затоа, мили мои, бидејќи го очекувате ова, погрижете се Тој да ве најде во мир, неопоганети и непорочни.
15 А долгата трпеливост на нашиот Господ сметајте ја како спасение, како што и нашиот сакан брат Павле ви напиша, според дадената му мудрост;
16 како што и во сите негови посланија зборува за ова; во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неуките и незацврстените ги изопачуваат, како, впрочем, и другите Писма, за своја погибел.
17 И така, вие, мили мои, кога го знаете ова однапред, пазете се да не ве повлече со себе заблудата на беззакониците и да не отпаднете од својата непоколебливост,
18 туку растете во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Слава Му сега и до денот на вечноста!