Послание на светиот апостол Павле до Галатјаните
1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 61
1 Павле, апостол (испратен не од луѓе, ниту со посредство на човек, туку преку Исус Христос и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите),
2 и сите браќа кои се со мене, до црквите во Галатија.
3 Благодат и мир вам од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос,
4 Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да не избави од сегашниот зол свет, по волјата на нашиот Бог и Татко,
5 Кому нека е слава за вечни векови. Амин!
6 Се чудам дека така брзо се одвраќате од Оној Кој ве повика преку Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие,
7 кое не е друго, само има некои кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие.
8 Но ако дури и ние или ангел од небото ви проповеда друго евангелие, спротивно од она што ви го проповедавме, нека биде проклет!
9 Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, покрај она што го примивте, нека биде проклет!
10 Дали сега јас барам наклонетост од луѓето или од Бог? Или, пак, настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов слуга.
11 Но јас ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко,
12 бидејќи ниту го примив од човек ниту го научив, туку е преку откровение од Исус Христос.
13 Вие секако сте чуле за моето некогашно поведение во јудаизмот: колку прекумерно ја гонев Божјата црква и се обидував да ја уништам;
14 и во јудаизмот надминав многу свои врсници сред својот народ, имајќи крајна ревност за преданијата на моите претци.
15 А кога Му беше по волја на Бог, Кој ме издвои уште од утробата на мојата мајка и ме повика преку Својата благодат,
16 да Го открие во мене Својот Син за да Го проповедам меѓу неевреите, не се посоветував веднаш со телото и крвта,
17 ниту отидов горе во Ерусалим кај оние кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18 А три години подоцна отидов горе во Ерусалим за да го видам Петар, и останав кај него петнаесет дена.
19 Но не видов некој друг од апостолите, освен Јаков, Господовиот брат.
20 (А ова што ви го пишувам, еве пред Бог велам дека не лажам.)
21 Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија.
22 А на црквите во Јудеја, кои се во Христос, лично уште им бев непознат;
23 тие беа само слушале: "Оној кој некогаш не прогонуваше, сега ја проповеда верата која некогаш ја разурнуваше."
24 И го славеа Бог заради мене.
2
1 По четиринаесет години пак отидов горе во Ерусалим со Барнаба, земајќи го со себе и Тит.
2 А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието кое го навестувам меѓу неевреите, но насамо на видните, од страв да не трчам или да не сум трчал напразно.
3 Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже,
4 и тоа заради лажните браќа, кои се беа вовлекле за да ја душкаат нашата слобода која ја имаме во Христос Исус, за да не поробат.
5 Но не им се потчинивме ни за час, за да остане со вас вистината на Евангелието.
6 А што се однесува до оние кои беа сметани за видни (какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа кој е кој), тие видните ништо не ми придадоа.
7 Туку, напротив, кога видоа дека мене ми беше доверено Евангелието меѓу необрежаните, како што му беше на Петар меѓу обрежаните
8 (зашто Оној што дејствуваше во Петар за апостолство меѓу обрежаните, ме оспособи и мене за необрежаните)
9 и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ми ја подадоа мене и на Барнаба десната рака во знак на заедништво; за да одиме ние кај неевреите, а тие кај обрежаните;
10 само да си спомнуваме за бедните, што и без тоа сакав да го правам.
11 А кога Кифа дојде во Антиох, му се противставив в лице, зашто требаше да биде осуден.
12 Имено, пред да дојдат некои луѓе од Јаков, тој јадеше со неевреите, но кога дојдоа овие тој се повлече и се тргна настрана, заради страв од обрежаните.
13 Со него се двоеја и другите Евреи, така што нивното лицемерство го заведе и Барнаба.
14 Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: "Ако ти, кој си Евреин, живееш како неевреин, а не јудејски, како можеш да ги принудуваш неевреите да живеат јудејски?
15 Ние по раѓање сме Евреи, а не грешници од неевреите,
16 но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку вера во Христос Исус, и ние поверувавме во Христос Исус, за да бидеме оправдани преку вера во Христос, а не преку делата на Законот; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден.
17 Но ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христос, се најдовме грешници, дали тогаш Христос му служи на гревот? Никако!
18 Зашто, ако повторно го ѕидам она што сум го разурнал, покажувам дека сум престапник;
19 бидејќи преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бог.
20 Со Христос бев распнат; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме засака и Се предаде Себеси за мене.
21 Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако праведноста доаѓа преку Законот, тогаш Христос умре залудно.
3
1 О неразумни Галати! Кој ве маѓепса вас, пред чии очи Исус Христос беше прикажан како распнат?
2 Сакам само ова да го дознам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?
3 Толку ли сте неразумни? Почнавте со Духот, и зарем сега совршени станавте преку телото?
4 Дали толку многу страдавте залудно, ако навистина беше залудно!
5 А Оној Кој ви го дава Духот и прави моќни дела меѓу вас, дали го прави тоа врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?
6 Како што и Авраам "му поверува на Бог и тоа му се припиша за праведност."
7 Затоа, бидете сигурни, дека Авраамови синови се оние кои се од верата.
8 А и Писмото предвиде дека Бог преку вера ќе ги оправда другите народи, и однапред му го навести Евангелието на Авраам, велејќи: "Во тебе ќе бидат благословени сите народи."
9 И така, оние кои се од верата, благословени се со Авраам кој веруваше.
10 Всушност, оние што ги прават делата на Законот, проколнати се, бидејќи е пишано: "Проклет да е секој, кој не е постојан во се што е напишано во книгата на Законот и не го исполнува тоа."
11 А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто "Праведникот ќе живее преку вера."
12 А Законот не дејствува преку верата, туку вели: "Кој ги исполнува, ќе живее преку нив."
13 Христос не откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: "Проклет да е секој што виси на дрво!",
14 та во Христос Исус Авраамовиот благослов да дојде на народите и преку вера да Го примиме ветувањето на Духот.
15 Браќа, зборувам како човек, заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто.
16 А ветувањата им беа дадени на Авраам и на неговото потомство. И не вели: "И на потомците", како за мнозина, туку како за еден: "И на твоето потомство", Кое е Христос.
17 Го велам и ова: Законот што настапи по четиристотини и триесет години, не го поништува заветот, што Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето.
18 Зашто, ако наследството доаѓа од законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраам преку ветување.
19 Тогаш, зошто е Законот? Тој беше даден заради престапите, откако беше воведен со ангели со помош на посредник, додека не дојде потомокот, кому Му беше дадено ветувањето.
20 Посредник, пак, нема таму каде што е само еден, а Бог е Еден.
21 Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот.
22 Но Писмото сите ги става под грев, та врз основа на верата во Исус Христос ветувањето да им биде дадено на оние што веруваат.
23 А пред да дојде верата, бевме држани под старателство на законот, чувани за верата која требаше да се открие.
24 Така, Законот ни стана наш воспитувач до Христос, за да бидеме оправдани преку верата.
25 А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувач.
26 Зашто, сите сте Божји синови преку вера во Христос Исус,
27 бидејќи сите кои се крстивте во Христос, се облековте со Христос.
28 Нема веќе ни Евреин ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христос Исус.
29 А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово потомство, наследници според ветувањето.
4
1 Ви велам, пак, додека наследникот е дете, со ништо не се разликува од робот, иако е господар на се,
2 туку е под старатели и управители до рокот определен од таткото.
3 Така и ние, додека бевме малолетни, бевме заробени под првобитните принципи на светот,
4 а кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот,
5 за да ги откупи оние што беа под Законот, за да го примиме посинувањето.
6 А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во нашите срца Духот на Својот Син, Кој вика: "Аба, Татко!"
7 Затоа не си повеќе роб, туку син, а ако си син, тогаш си и наследник преку Бог.
8 Но вие порано, не познавајќи Го Бог, им бевте робови на оние кои по природа не се богови.
9 А сега, откога Го познавате Бог, или уште подобро, откако Бог ве позна вас, како можете пак да им се враќате на слабите и бедни принципи, на кои сакате пак одново да им робувате?
10 Внимавате на деновите, месеците, времињата и годините.
11 Се плашам за вас, да не се трудев напразно за вас.
12 Ве молам, браќа, бидете каков што сум јас, зашто и јас сум како вас! Вие со ништо не ми згрешивте.
13 А знаете дека првиот пат, заради телесна немоќ, ви го проповедав Евангелието;
14 и испитувањето кое беше за вас во моето тело, не го отфрливте, ниту се згнасивте од него, туку ме примивте како Божји ангел, како да бев Христос Исус.
15 Сега, каде е она ваше блаженство? Зашто ви сведочам, дека ако беше можно, ќе ги извадевте и своите очи и ќе ми ги дадевте мене.
16 Дали ви станав непријател затоа што ви ја зборувам вистината?
17 Тие се ревносни, но не за ваше добро, туку сакаат да ве одвојат, за да одите по нив.
18 Меѓутоа, добро е секогаш да се стремите кон доброто, а не само кога сум јас кај вас.
19 Чеда мои, кои повторно со мака ве раѓам додека Христос се обликува во вас,
20 би сакал да сум сега кај вас, и да ви се обратам со поинаков тон, зашто сум во недоумица за вас.
21 Кажете ми, вие кои сакате да бидете под законот, не го слушате ли законот?
22 Зашто е напишано дека Авраам имаше два сина, едниот од робинка, а другиот од слободна.
23 Но оној од робинката роден е по тело, а оној од слободната преку ветување.
24 Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара,
25 а Агара е Синајската Гора во Арабија и одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца.
26 Но горниот Ерусалим е слободен, тој е нашата мајка,
27 зашто е напишано: "Весели се неротко, ти која не си родила; воскликни радосно, ти, која не си видела породилни маки; зашто повеќе деца има оставената, отколку онаа што има маж."
28 А вие сте, браќа, деца на ветувањето како Исак.
29 И како што во тоа време оној што се роди по тело, го прогонуваше оној што се роди по дух, така е и сега.
30 А што вели Писмото? "Истерај ја робинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката нема да биде наследник со синот на слободната!"
31 Затоа, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.
5
1 Христос не ослободи за да бидеме слободни. Според тоа, стојте цврсто и не потчинувајте му се пак на ропскиот јарем.
2 Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрежете, Христос никако нема да ви користи.
3 И пак му сведочам на секој човек што се обрежува, дека е должен да го исполни целиот закон.
4 Од Христос се одвоивте вие кои сакате да бидете оправдани преку законот; отпаднавте од благодатта.
5 Зашто ние, преку Духот, по вера, ја очекуваме надежта на праведноста,
6 а во Христос Исус ниту обрезанието има вредност, ниту необрезанието, туку верата која дејствува преку љубовта.
7 Трчавте добро! Кој ви попречи да не се покорувате на вистината?
8 Тоа убедување не е од Оној Кој ве повика.
9 Малку квас го потквасува целото тесто.
10 Јас сум уверен за вас во Господа, дека нема да мислите инаку. А кој ве збунува ќе претрпи осуда, кој и да е!
11 Ако пак јас, браќа, уште го проповедам обрезанието, зошто уште ме прогонуваат? Во тој случај се укинува соблазната од крстот!
12 О, да се отсечеа оние што ве колебат!
13 Зашто вие, браќа, бевте повикани кон слобода. Само слободата да не ви биде повод за телесност, туку со љубов служете си еден на друг.
14 Зашто целиот Закон е исполнет во еден збор: "Љуби го својот ближен како самиот себе!"
15 Ако пак се гризете и јадете еден со друг, гледајте да не се истребите меѓусебе.
16 А велам: живејте по Духот и нема да ја исполнувате похотата на телото,
17 зашто телото силно го посакува спротивното на Духот, а Духот спротивното на телото, зашто тие се противат еден на друг, за да не го правите она што сакате.
18 Но, ако ве води Духот не сте под Законот.
19 А делата на телото се познати; тоа се: блудство, нечистота, бесрамност,
20 идолопоклонство, вражање, непријателства, препирки, љубомора, излив на лутина, расправии, несогласувања, делби;
21 завист, пијанство, срамни гозби и слични на овие, за кои однапред ве предупредив, како што ви реков и порано, дека оние што прават такви работи нема да го наследат Божјото царство.
22 А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, добрина, верност, кроткост, воздржливост;
23 против овие нешта нема закон.
24 А оние кои се Христови го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти.
25 Ако живееме по Духот, и да одиме според Духот!
26 Да не бидеме полни со суетно славољубие, да не се предизвикуваме еден со друг и да не си завидуваме еден на друг!
6
1 Браќа, и да падне некој во некаков престап, вие, кои сте духовни, поправајте го таквиот со дух на кроткост, чувајќи се себеси и вие да не бидете искушани.
2 Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните Христовиот закон!
3 Зашто, ако некој мисли дека е нешто, а е ништо, самиот се мами.
4 А секој да го испита своето дело, и тогаш ќе има пофалба само пред себеси, а не пред друг.
5 Зашто секој треба да го носи својот товар.
6 А оној кој се учи на словото, нека ги дели сите свои добра со оној кој го поучува.
7 Не лажете се: Бог не дозволува да биде исмеван! Бидејќи човекот што ќе посее, тоа и ќе жнее:
8 кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот.
9 Да не ви стане мачно правејќи добро, зашто ако не се умориме ќе жнееме во право време.
10 Затоа, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на оние кои припаѓаат на нашето семејство по вера.
11 Видете, со колку големи букви ви пишувам своерачно!
12 Сите оние кои сакаат да се покажат добри според телото, тие ве принудуваат да се обрежувате, само за да не бидат гонети заради Христовиот крст.
13 Зашто ни самите тие, кои се обрежуваат не го пазат Законот, а сакаат вие да се обрежувате, за да се фалат со вашето тело.
14 Никако да не се фалам со нешто друго, освен во крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого светот е распнат за мене и јас за светот!
15 Зашто ниту обрезанието е нешто, ниту необрезанието, туку новото создание.
16 А на сите кои ќе го следат ова правило - мир и милост, ним и на Божјиот Израел.
17 Во иднина никој да не ми додева повеќе, зашто на своето тело ги носам Исусовите белези.
18 Браќа, благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух. Амин!