Соборно послание на светиот апостол Јаков


1 | 2 | 3 | 4 | 5


1

1 Јаков, слуга на Бог и на Господ Исус Христос, ви испраќам поздрави на дванаесетте раштркани племиња.
2 Сметајте дека е вистинска радост, браќа мои, кога ќе се сретнете со разни испитувања,
3 знаејќи дека од испитувањето на вашата вера произлегува истрајност!
4 А од истрајноста - совршено дело, за да бидете совршени и целосни, без нешто да ви недостига.
5 Но ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја бара од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без прекор - и ќе му биде дадена.
6 Но нека бара со вера, без никакво сомнение, зашто оној кој се сомнева е сличен на морски бран кого ветрот го крева и го тера.
7 Таквиот човек нека не мисли дека ќе прими нешто од Господ,
8 зашто човекот кој се двоуми е непостојан на сите свои патишта.
9 Бедниот брат нека се фали со својата возвишеност,
10 а богатиот со својата понизност, бидејќи ќе помине како цветот на тревата.
11 Зашто сонцето изгрева со припек и ја овенува тревата, па нејзиниот цвет окапува и исчезнува убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите стремежи.
12 Блажен е човекот кој истрајува во испитувањата, зашто откако ќе биде докажан, ќе го прими венецот на животот што Бог им го вети на оние што Го љубат.
13 Никој, кој се наоѓа во искушение, да не рече: "Бог ме искушува." Зашто, Бог не може да биде искушуван од зло, и Тој Самиот никого не искушува.
14 Туку, секој е искушуван кога го влече и го мами неговата сопствена похота.
15 А откако ќе зачне похотата, таа раѓа грев, а извршениот грев раѓа смрт.
16 Не мамете се, мили мои браќа.
17 Секое добиено добро и секој совршен дар, доаѓаат озгора, и слегуваат од Таткото на светлините, кај Кого нема промена, ниту трага од промена.
18 Тој не роди според Својата волја, преку словото на вистината, за да бидеме првнина меѓу Неговите созданија.
19 Знајте го ова, мили мои браќа: секој нека биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето и бавен за гнев,
20 зашто човековиот гнев не ја исполнува Божјата праведност. 21. Затоа отфрлете од себе секаква нечистота, и се што останало од злобата, и примете го со кроткост во вас всаденото Слово кое може да ги спаси вашите души.
22 И бидете извршители на Словото, а не само слушатели кои се мамат себеси.
23 Зашто, кој го слуша Словото, а не го исполнува, прилега на човек, кој го гледа своето сопствено лице во огледало,
24 па откако ќе се погледне и замине, веднаш заборава каков бил.
25 А кој ќе се загледа во совршениот закон, законот на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како делотворен извршител, тој ќе биде блажен во она што го врши.
26 Ако некој мисли дека е религиозен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата религија е безвредна.
27 Ова е чиста и неизвалкана религија пред Бога и Таткото: да се посетуваат сираците и вдовиците кога се во нивната невола, и да се биде неосквернет од светот.

2

1 Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос и не бидете пристрасни!
2 Зашто ако на вашиот собир дојде човек со златен прстен и со убава облека, а влезе и сиромав во валкана облека,
3 и му укажете посебно внимание на оној во убавата облека, и му речете: "Ти седни тука на убаво место!" а на сиромавиот му речете: "Ти стој таму!" или "Седни долу до моите нозе",
4 не правите ли разлики меѓу себе и така станувате судии со зли мисли?
5 Послушајте, мили мои браќа, не ги избра ли Бог оние кои се сиромаси во очите на светот, за да бидат богати во верата и наследници на Царството кое им го ветил на оние кои Го љубат? 6. А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве угнетуваат и ве влечат по судови?
7 Не го хулат ли тие возвишеното име со кое сте наречени?
8 Ако пак го исполнувате царскиот закон, според Писмото: "Љуби го својот ближен како самиот себе!"- добро правите.
9 Но ако сте пристрасни, правите грев и законот ве осудува како престапници.
10 Бидејќи кој го запазува целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за се.
11 Зашто Оној Кој рекол: "Не врши прељуба!" рекол и : "Не убивај!" Ако не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.
12 Така зборувајте и така постапувајте како луѓе кои ќе бидат судени според законот на слободата.
13 Зашто осудата ќе нема милост спрема оној кој не покажал милост. Милоста слави победа над осудата.
14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси?
15 Ако некој брат или сестра се без облека и имаат потреба од секојдневна храна,
16 па некој од вас им рече: "Одете си во мир, стоплете се и наситете се!", а не им го даде она што им е потребно за телото, каква е ползата од тоа?
17 Така е и со верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.
18 Впрочем, некој ќе рече: ти имаш вера, а јас имам дела; покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата преку моите дела.
19 Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш! И демоните веруваат и треперат.
20 Сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е бесплодна?
21 Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан преку делата кога го принесе својот син Исак на жртвеникот?
22 Гледате дека верата соработуваше со неговите дела, и преку делата верата стана совршена,
23 и така се исполни Писмото, кое вели: "Авраам Му поверува на Бог, и тоа му се припиша за праведност, и беше наречен Божји пријател."
24 Ете човекот се оправдува преку дела, а не единствено преку вера.
25 Исто така и блудницата Рааб, не се оправда ли преку дела, кога ги прими гласниците и кога ги испрати по друг пат?
26 Зашто, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва.

3

1 Не станувајте, браќа мои, мнозина од вас учители, бидејќи знаеме дека ќе бидеме построго осудени за тоа.
2 Зашто сите ние грешиме на разни начини. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело.
3 На коњите им ставаме узда во устата за да ни се покоруваат, па можеме да управуваме со целото нивно тело.
4 Ете, и корабите, иако се толку големи и ги гонат силни ветрови, со нив управува кормиларот со многу мало кормило, каде што ќе посака.
5 Така и јазикот е мал орган од телото, но се фали со големи работи. Ете како мал оган запалува голема шума!
6 И јазикот е оган, самиот свет на беззаконието; јазикот се наоѓа меѓу нашите органи како таков кој го осквернува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува нашиот животен тек.
7 Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни се скротува и бил скротуван од човечкиот род,
8 но никој не може да го скроти јазикот, тоа нескротливо зло, полно со смртоносен отров.
9 Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето кои се создадени според подобието Божјо.
10 Од иста уста излегуваат благослови и клетви. Браќа, тоа не смее да биде така.
11 Тече ли од извор со ист отвор слатка и горчлива вода?
12 Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Ни солениот извор не може да даде слатка вода.
13 Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со доброто поведение нека ги покаже своите дела во мудра кроткост.
14 Ако пак во своето срце имате горчлива завист и соперништво, не гордејте се со тоа и не извртувајте ја вистината!
15 Тоа не е мудрост која слегува озгора, туку е земна, душевна, демонска;
16 зашто каде што има завист и соперништво, таму владее безредие и секакво зло.
17 А мудроста која доаѓа озгора, пред се е чиста, потоа мирољубива, блага, разумна, полна со милост и добри плодови, непоколеблива и нелицемерна.
18 А семето, чиј плод е праведност се сее во мир преку миротворците.

4

1 Од каде се војните и од каде се караниците меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите похоти што војуваат во вашите органи?
2 Посакувате а немате, та затоа убивате. Завидливи сте и не можете да добиете; затоа се борите и војувате. Немате затоа што не барате.
3 Барате, но не добивате, зашто барате со лоши цели, за да го трошите на вашите похоти.
4 Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство спрема Бог? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бог.
5 Или, мислите ли дека Писмото напразно вели: "до ревност копнее за духот кој Го всели во нас?"
6 Но Тој дава поголема благодат. Затоа вели: "Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат."
7 Затоа покорете Му се на Бог, а противставете му се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас.
8 Приближете се кон Бог, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, вие грешници, и очистете ги срцата, вие луѓето што се двоумите!
9 Бидете нажалени, тагувајте и плачете; вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост!
10 Понизете се пред Господ, и Тој ќе ве возвиши!
11 Не зборувајте еден против друг, браќа; оној кој зборува против својот брат или го суди својот брат, зборува против законот и го суди законот. А ако го судиш законот, не си извршител на законот, туку негов судија.
12 Има само еден Законодавец и Судија, Оној Кој може да спаси и да погуби. А кој си ти што го осудуваш ближниот?
13 Чујте сега вие, кои велите: "Денес или утре ќе отидеме во тој и тој град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме",
14 вие, кои не знаете што ќе биде утре. Вие сте пареа која се јавува за кратко и потоа исчезнува.
15 Наместо да велите: "Ако Господ даде, ќе живееме и ќе направиме ова или она",
16 вие се фалите со својата горделивост. Секоја таква фалба е зла.
17 И така, кој знае да прави добро, а не го прави, чини грев.

5

1 Ајде сега, вие богатите, плачете и лелекајте за неволите што идат на вас.
2 Вашето богатство изгни и молците ја изедоа вашата облека.
3 Вашето злато и сребро 'рѓосаа, а нивната 'рѓа ќе биде сведоштво против вас и како оган ќе ги голтне вашите тела. Вашето богатство го натрупавте во последните денови.
4 Ете, заработката на работниците кои ги ожнаа вашите ниви, што вие им ја задржавте, и викотниците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Војските.
5 На земјата живеевте раскошно и разуздано; ги згоивте своите срца како за ден на клање.
6 Го осудивте, го убивте праведникот, а тој не ви се противи.
7 И така, имајте трпение, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не ги добие раните и доцните дождови.
8 Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто близу е Господовото доаѓање.
9 Не роптајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени; ете, Судијата стои пред врата.
10 Како пример за страдањата и долгата трпеливост земете ги, браќа, пророците кои зборуваа во Господовото име.
11 Ете, блажени ги нарекуваме оние кои истрајаа. Чувте за трпението на Јоб, и видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е полн со милост и сочувство.
12 А пред се, браќа мои, не заколнувајте се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга заклетва! Туку вашето "да", да биде "да", а вашето "не" - "не", за да не паднете под осуда.
13 Страда ли некој меѓу вас, нека се моли. Весел ли е некој, нека пее псалми.
14 Боледува ли некој меѓу вас? Нека ги повика старешините на црквата, тие нека се помолат над него и нека го помазат со миро во името на Господа,
15 а молитвата со вера, ќе го исцели болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени.
16 И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила.
17 Илија беше човек ист како и ние, и искрено се помоли да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.
18 И пак се помоли, па небото истури дожд и земјата го даде својот плод.
19 Браќа мои, ако некој меѓу вас скршне од вистината и ако некој го врати,
20 нека знае дека оној кој ќе врати грешник од неговиот погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.